Владата ги повика невработените да се пријават на огласи што ќе ги распишат општините за помош во справувањето со пожарите. Ќе добиваат месечен надоместок од 24.000 денари, а оние кои ќе се покажат како најдобри, ќе добијат и вработувања. Повикот до невработените е нова мерка на Владата опфатена со оперативниот план за вработување која првпат се спроведува кај нас.
„Наместо да дејствуваме несинхронизирано и откако штетите се веќе направени, денес започнуваме со процес на навремена подготовка превенција и мобилизација на ресурси и луѓе. Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за извршување јавни работи со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари. Секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24.000 денари. Сите оние кои ќе покажат особен интерес, посветеност и висока подготвеност, по завршување на оваа мерка ќе бидат трајно ангажирани преку нивно вработување во институциите кои се надлежни за оваа работа“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева.
Владата смета дека мерката има двоен ефект, еколошки и социјален оти обезбедува приход и вклучување на невработени лица, а во исто време се гради функционален и одржлив систем за заштита од пожари. Предвидено е да бидат опфатени 14 општини, односно сите општини во кои има противпожарни единици со исклучок на Кочани и Струмица кои не аплицирале за мерката.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов ги повика сите граѓани, „особено оние кои бараат работа со малку поголем предизвик и кои истовремено сакаат да помогнат на татковината да се справи со пожарите кои претстојат“, да се пријават на огласите кои ќе бидат распишани од страна на општините. Ангелов кажа дека лицата кои ќе се пријават во Скопје на огласите на Општина Кисела Вода, се очекува бројката да биде меѓу 80 и 100, ќе бидат распоредени во тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување. Предвидено е да поминат кратка обука, а потоа од најдобрите ќе бидат одбрани неколкумина за новата специјална единица за заштита и спасување.
„Можеби сумата на прв поглед не е примамлива, но сите оние кои ќе се пријават на овој оглас, на територијата на целата држава и ќе покажат особен успех во справувањето со пожарите ќе имаат можност професионално да бидат вработени во некоја од територијалните противпожарни единици низ државата. За жал две општини не аплицираа на овој оглас, Општините Кочани и Струмица не аплицираа, и бројките кои беа предвидени за овие две општини најверојатно ќе бидат распоредени во останатите општини. Оние кои ќе се јават на овој оглас треба да бидат психофизички здрави, верувам дека сите тоа го знаат, но дополнително ќе утврдиме на кој начин ќе биде проверена и физичката подготвеност на овие луѓе бидејќи луѓе кои имаат хронични болести срцеви заболувања, луѓе кои имаат проблем со шеќерот не е добро да се пријавуваат на вакви огласи“, рече директорот Ангелов.
Извршната директорка на ЗЕЛС, Дивна Перишиќ, сметадека со овие вработувања малку ќе се доближиме до неопходната бројка пожарникари, која е над 1500. Сега, според податоците кои ЗЕЛС ги прибира Општините, бројката на вработени пожарникари е меѓу 700 и 800 во цела држава. Со 400 нови вработувања ќе се реши половина од проблемот, а другата половина Перишиќ најави дека ќе се обидат да ја решат со изработка на нов закон за заштита од пожари во чија изработка ќе учествува и ЗЕЛС.