Новата студија изработена во САД покажува дека потрошувачите во декември 2020 година потрошиле просечно 47 долари за претплата на стриминг-платформите, што е за 24 проценти повеќе од бројките што ни беа достапни пред избивањето на пандемијата предизвикана од ковид-19

Веќе неколку години го следиме растот на интернет-платформите каде што се прикажуваат филмови и серии, но евидентно е дека во месеците на пандемија и вонредни мерки на здравствена заштита, нивната популарност порасна неколкукратно.

Неможноста да се отиде во кино, а воедно и вишокот на слободно време, едноставно ги мотивираше луѓето да се претплатат на еден од сервисите, а како што покажува најновото истражување, да се зачленат и на повеќе платформи истовремено.

Новата студија изработена во САД покажува дека потрошувачите во последниот месец (декември 2020 година) потрошиле просечно 47 долари за претплата на стриминг платформите, што е за 24 проценти повеќе од бројките што ни беа достапни пред избивањето на пандемијата предизвикана од ковид-19.

Според истражувањето направено од агенцијата „Ј.Д. пауер“, во април минатата година корисниците трошеле 34 долари, што, пак е зголемување за речиси 50 проценти од претходната година.

Ова зголемување на трошењето средства на членарини, се должи на тоа што луѓето сѐ почесто се одлучуваат да бидат претплатени на повеќе платформи, бидејќи во последно време се снимаат големи проекти од разни продукции, а единствениот начин новите филмови и серии да бидат изгледани е токму преку платформите. Во исто време, последнава година беа лансирани и многу квалитетни нови провајдери на содржина, како ХБО-Макс, Дизни плус и Пикок, кои не само што не станаа конкуренти на веќе етаблираните Нетфликс и Амазон плус, туку предизвикаа општ раст на индустриската гранка.

Според истражувањето, потврдена е супериорноста на Нетфликс на пазарот, бидејќи 81 процент од испитаниците потврдиле дека ја користат оваа интернет-платформа, но евидентен е растот на услугите на Амазон прајм, бидејќи 65 проценти од анкетираните објавиле дека се претплатени и на оваа страница. Одлично стои Хулу со 56 проценти, додека новите платформи се под 50 проценти, но со значителен остварен раст во првата година од опстојувањето. Дизни плус 47 проценти, ХБО-Макс 22 проценти, Пикок 18 и Епл ТВ плус 14 проценти.

Сепак, познавачите на околностите предупредуваат дека овој успех на интернет-платформите е моментален и дека по попуштањето на мерките, нивниот раст ќе биде значително намален. Луѓето ќе сакаат повторно да одат на кино, а и нема да имаат многу време за гледање снимена содржина.
Од истото истражување дознаваме и дека втората сезона од „Мандалоријан“ е најстримуваната серија во 2020 година.