Судот му определи куќен притвор на 25-годишниот скопјанец кој со мотор без дозвола го усмрти Југослав Николовски (68) на пешачка патека на кејот на Вардар кај Паркот на франкофонијата. Обвинителството утрово соопшти дека вложило жалба на одлуката за куќен притвор.

По информацијата дека двапати претходно бил осудуван, од Обвинителството информираа дека  дека кај нив е евидентиран со предуда за насилство како малолетник, а потоа и уште една за здравствени прописи во време на Ковид кризата.

Несреќата се случи на 1 јули, кога осомничениот управувајќи мотоцикл „кавасаки“ без дозвола, удри во пешакот Николовски. Според информацијата од Обвинителството, тој возел преку површина наменета за движење на пешаци и не се придржувал кон прописите. Кога дошол во близина на зградата, не ја прилагодил брзината на движење на моторот. Покрај тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека. При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот.

Пешакот се здобил со тешки телесни повреди поради кои следното утро починал, а полесно повреден бил и сопатникот на моторот. Наместо да укаже помош, осомничениот го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото, соопшти обвинителството.

Обвинителството бараше притвор поради фактот дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, што за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство. Дополнителна причина за барањето за притвор е и тоа што претходно бил осудуван.