Амбасадорот на Република Албанија во Скопје, Неговата Екселенција г. Денион Меидани, реагираше на објавата на лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој му изрази поддршка за неговиот ангажман околу решавањето на проблемот со училиштето во селото Нерова, во општина Крушево.
„Во еден мошне деликатен момент за Албанците во Македонија, амбасадорот на Албанија, Неговата Екселенција г. Денион Меидани, претставува една од највредните личности што имаме среќа да ја имаме за голем застапник на албанската кауза. Во име на сите Албанци – ви благодарам, г. Амбасадоре,“ напиша Таравари.
Во одговорот, амбасадорот Меидани со внимателен дипломатски тон испрати порака со поширока симболика, која индиректно ја допира и македонската страна.
„Ти благодарам за убавите зборови, Арбен. Албанската кауза е кауза на сите што веруваат во правото на идентитет, еднаквост, почит и достоинствена застапеност,“ истакна Меидани.
Со ваквиот став, амбасадорот индиректно испрати порака дека борбата за идентитет и достоинство не е исклучиво албанско прашање, туку универзално човеково право – што се однесува на сите народи, вклучително и на македонскиот, за кој темата за зачувување на идентитетот сѐ уште претставува длабока историска и политичка рана.