Белград, Нови Сад и Ниш денес ќе бидат целосно блокирани. Студентите го најавија ова на големите собири синоќа. Тие најавија дека наутро целосно ќе го блокираат сообраќајот во сите поголеми градови во Србија – во Нови Сад од 6 часот наутро, во Чачак во 6:30 часот наутро, во Белград, Ниш, Крагуевац и Нови Пазар од 7 часот наутро.
„Кога Уставот и законот ќе престанат да важат за оние кои мора да ги заштитат, сè мора да престане“, рекоа студентите собрани во иницијативата „Блокада“, која ги координираше протестите и повикува на блокада вчера и во последните денови. Граѓаните се поканети да излезат на улиците од утрово и „мирно, но решително“ да го запрат сообраќајот.
„Србија запира денес“, се вели во повикот.
Студентите објавија и постер на кој пишува: „Тотална блокада на Србија – петок, 4.7. наутро“. Покрај тоа, тие објавија упатства со кои им кажуваат на демонстрантите да не се вклучуваат во физички или вербални конфликти, да бидат во што е можно поголема група, да не го снимаат лицето на луѓето кои вршат граѓанска непослушност и да ги пропуштаат службите за итни случаи, родители со деца, бремени жени, лекари и медицински работници, како и доставување храна и лекови до болниците.
„Нема да нè скршите“, рекоа други студенти.
Пред најавените блокади во неколку градови, вклучувајќи го и Белград, кои се закажани да се одржат во раните утрински часови денес, српскиот претседател Александар Вучиќ се обрати до јавноста и ги повика организаторите да ги откажат. Тој оцени дека ова е кршење на законот и обид за загрозување на основните права на другите граѓани.
„Тие закажаа целосни блокади во неколку градови, вклучувајќи го и Белград, за утре во раните утрински часови. Ги молам, не само како претседател на Републиката, не како човек кој ја стекнал најголемата доверба од граѓаните, ги молам како обичен човек – да не го прават ова, да се вразумат, да не ја мразат толку многу својата земја“, рече Вучиќ.
Тој тврди дека блокадите се „тешки кривични дела“ и дека се „спротивни на Законот за безбедност во сообраќајот и уставните норми за слобода на движење“. Тој нагласи дека владата избегнува употреба на сила, но дека државата „не смее да дозволи ваков вид насилство“.
„Не сакаме да реагираме. Избегнуваме употреба на сила. Сакаме да дозволиме секаква слобода на собирање, изразување, апсолутно сè. Но, овој вид насилство не може и не смее да биде дозволен од страна на државата. Бидејќи тогаш тоа повеќе не е држава. Тогаш државата повеќе не постои“, рече тој.
Конечно, тој повторно им се обрати на демонстрантите со зборовите: „Ве молам, ве молам татковски, ве молам како Бог – размислете и освестете се“. Тој додаде дека, и покрај сè, Србија ќе остане сериозна и одговорна држава – денес и секој ден потоа.
Текстот (Видео) Студенти: Тотална блокада на Србија наутро; Вучиќ: Ве молам, вразумете се е превземен од МАКФАКС.