Кумановото обвинителство го повлече обвинението поднесено до Основниот суд Куманово, со кое беше опфатен градоначалникот, Максим Димитриевски.

Од Обвинителството велат дека одлуката ја донеле откако по изведувањето на сите докази, вклучително и исказите на вештите лица, било утврдено дека не постои значителна штета, што е клучен елемент за постоење на кривичното дело.

Првичното обвинение се темелело на материјално-финансиско вештачење кое укажувало на значителна имотна штета во висина од 3.307.869 денари нанесена на две оштетени фирми. Меѓутоа, по изведување на сите докази и исказите на вештите лица, било утврдено дека штетата наведена во обвинението не постои поради издаденото Одобрение за градење, објаснува Обвинителството.

Откако обвинителот на 30 јуни годинава се откажал од обвинението, Основниот суд Куманово на 1 јули донел пресуда со која обвинението се одбива.

Кумановското Основно јавно обвинителство во март минатата година поднесе обвинение против актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски, за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинението се засноваше на две кривични пријави поднесени од две локални фирми кои го пријавиле Димитриевски дека не им издал градежна дозвола, односно да платат комуналии за изградба на зграда според важечки детален урбанистички план. Со тоа, како што тврдеа тие, кумановскиот градоначалник им нанел штета од околу 55.000 евра.

Текстот „Не постои значителна штета“ – Обвинителството се откажа од обвинението за Максим Димитриевски е превземен од МАКФАКС.