Крајот на војната во Украина ќе зависи од количината западно оружје што ќе го добие Киев, изјави Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, додавајќи дека Русија внимателно ја следи ситуацијата во врска со снабдувањето на Украина со оружје и дека забележува одредени проблеми.

„Колку помалку ракети пристигнуваат во Украина од странство, толку е поблиску крајот на специјалната воена операција“, истакна Песков.

Претходно, како што објави „РИА новости“, порталот „Политико“ пишуваше за привременото запирање на испораките на муниција и оружје од САД за Украина поради исцрпувањето на американските резерви.

Заменик-портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, потврди за Ен-би-си дека имало прекин во испораките наведувајќи дека одлуката е донесена за да се заштитат интересите на Америка како приоритет.

Исто така, републиканскиот конгресмен и член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, Брајан Фицпатрик, побара итен брифинг од Белата куќа и од Пентагон во врска со прекинот на воените испораки на Киев.

Коментирајќи ги овие наводи, Песков изјави дека „се чини оти американската индустрија не успева да произведе доволен број ракети, особено затоа што големи количини беа испорачани во Израел и во Украина, а испораките сè уште се во тек“ додавајќи дека Русија внимателно ја следи ситуацијата, пренесува „Танјуг“.

Текстот Песков: Крајот на специјалната воена операција во Украина ќе биде поблиску доколку пристигнува помалку оружје од Западот е превземен од МАКФАКС.