По иницијатива на Европската народна партија (ЕНП), трите најголеми политички групи во Европскиот парламент – ЕНП, Социјалистите и Демократите (С&Д) и либералите од Ренју – постигнале договор во синоќешните преговори да се отстранат сите референци за „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ во нацрт-извештајот за напредокот на Република Северна Македонија. Според европратеникот Андреј Ковачев, се очекува мнозинството европратеници да ја поддржат оваа измена на пленарната седница следната недела.

„Прашањата за идентитет и јазик немаат место во извештај за напредокот на земја-кандидат за членство во ЕУ. Таквите теми само создаваат поделби и ја отвораат Пандорината кутија, како што се гледа од постојаните изјави на владата во Скопје и особено на премиерот Мицкоски со неговите манипулации за „вековен идентитет и јазик’“, напиша Ковачев на Фејсбук, пренесува Трибуна.

Тој истакна дека, според него, целта на властите во Скопје била, во пресрет на локалните избори, да прикажат „некој голем триумф над источниот сосед“ и така да оправдаат евентуални козметички измени во Уставот со кои би се вклучиле делумно и Бугарите.

„И покрај безпрецедентниот притисок и лобирање, ваков преседан не треба да биде дел од извештаите на Европскиот парламент или на други европски институции“, додаде тој.

Ковачев смета дека наместо тоа, Република Северна Македонија треба да го почитува потпишаниот Договор за добрососедство со Бугарија и да ја деблокира работата на Заедничката историска комисија, каде што според договорот треба да се разгледуваат темите поврзани со заедничката историја.

Тој упати благодарност до сите свои колеги европратеници од различните политички групи, а особено до бугарските претставници, за заедничкиот став по ова прашање.