Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја предупреди својата европска колешка Каја Калас за опасноста од „конфронтација“, се вели во соопштението од неговото министерство во вторник, додека Пекинг се обидува да се претстави како стабилна противтежа на Вашингтон.

Кина и Европската Унија „не треба да се сметаат едни за други за соперници поради нивните разлики, ниту да бараат конфронтација поради нивните несогласувања“, изјави вчера Ванг Ји на состанокот во Брисел со највисокиот дипломат на ЕУ. Калас вчера изјави дека Пекинг треба да престане да ја загрозува европската безбедност, наведувајќи ги кибернападите, мешањето во демократските процеси и нефер трговските практики.

Европа „се соочува со неколку предизвици“, рече Ванг Ји, од кои ниту еден „во минатото, сегашноста или иднината не бил предизвикан од Кина“.

Ванг генерално се обиде да го прикаже Пекинг како противтежа на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се закани со царини за стоки увезени од Европа. „Патот што го избраа Соединетите Американски Држави не треба да се прикажува како одраз на Кина“, рече тој. „Кина не е како Соединетите Американски Држави“, додаде тој.

Двете страни разговараа и за други прашања како што се Украина, израелско-палестинскиот конфликт и нуклеарната програма на Иран, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи. Пекинг и Брисел мора да покажат меѓусебно почитување, рече Ванг, додавајќи дека Европа треба да промовира „поактивна и попрагматична“ политика кон Кина.

Ванг вчера се сретна и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и со белгискиот министер за надворешни работи.

„Кина и ЕУ мора да го поддржат мултилатерализмот и слободната трговија и да работат заедно за справување со глобалните предизвици како што се климатските промени“, и рече Ванг на претседателката на ЕК.

Ванг Ји ќе ги посети Германија и Франција пред самитот ЕУ-Кина на кој ќе учествуваат кинескиот претседател Си Џинпинг и неколку високи европски претставници.

Текстот Кина: Европската Унија не треба да бара конфронтација е превземен од МАКФАКС.