Израелската армија употреби бомба тешка 230 килограми во напад врз кафуле во Газа а експертите изјавија дека употребата на таква муниција може да претставува воено злосторство, објави денес „Гардијан“.

Експертите за меѓународно право изјавија дека употребата на неселективно оружје кое генерира масивен експлозивен бран и расфрла шрапнели на широка површина може да претставува воено злосторство поради присуството на голем број незаштитени цивили, вклучувајќи деца, жени и постари лица.

Делови од оружје од урнатините на кафулето „Ал-Бака“, фотографирани од „Гардијан“, се идентификувани од експерти за оружје како делови од бомба за општа намена МК-82 од 230 килограми.

Големиот кратер оставен од експлозијата дава дополнителни докази за употребата на голема и моќна бомба како што е МК-82, изјавија двајца експерти за оружје.

Портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) изјави дека нападот врз кафулето се истражува и дека „пред нападот се преземени чекори за намалување на ризикот од повредување на цивили преку употреба на воздушен надзор“.

Медицински и други претставници изјавија дека во нападот врз кафулето се убиени помеѓу 24 и 36 Палестинци, а десетици се повредени, јавува Танјуг.

Текстот Гардијан: Израелската армија употреби бомба од 230 килограми во напад врз кафуле во Газа е превземен од МАКФАКС.