На 88 седница на Владата која се одржа вчера, 6 ресорни министерства вклучени во потпрограмата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа – позната како АА, доставија предлог одлуки до Владата за проектите на општините кои ги исполнуваат условите наведени во самиот повик.

Оваа потпрограма, како што објаснија од владините служби, претставува значаен инструмент за поддршка на општините и нивното институционално и инфраструктурно јакнење, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

„Во рамки на втората фаза, вкупно се одобрени 829 проекти во вредност од околу 15 милијарди денари, кои ќе се реализираат преку следниве министерства:

Министерство за транспорт и врски – над 8 милијарди денари

Министерство за животна средина и просторно планирање – околу 2, 5 милијарди денари

Министерство за образование и наука – околу 1,6 милијарди денари

Министерство за култура – 622 милиони денари

Министерство за социјална политика, демографија и млади – 520 милиони денари

Министерство за спорт – 544 милиони денари

Со ова продолжуваме континуирано да ја поддржуваме секоја општина која ги исполнила условите според јавниот повик, без разлика на политичката припадност на нејзиното раководство. За нас, единствено важни се граѓаните, нивната благосостојба и создавање подобри услови за живот во секој дел од државата“..

Во рамки на првиот јавен повик, беа доделени 4,1 милијарди денари за 274 проекти, дел од кои се веќе реализирани, а другите се во реализација, соопштија од Владата.