„Парамонт“, матичната компанија на Си-би-ес, постигна спогодба со американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја тужеше поради интервју што беше емитувано во октомври лани, во најновото отстапување на медиумската компанија кон претседател кој ги критикува медиумите за она што го нарекуваат лажно или заведувачко известување.

„Парамонт“ изјави дека ќе плати 16 милиони долари, но ќе ги додели парите на идната претседателска библиотека на Трамп и нема да му плати на Трамп директно или индиректно.

„Спогодбата не вклучува изјава за извинување или жалење“, се додава во соопштението на компанијата.

Трамп поднесе тужба од 10 милијарди долари против Си-би-ес во октомври тврдејќи дека мрежата измамнички монтирала интервју емитувано во нивната новинска програма „60 минути“ со тогашната потпретседателка на САД и претседателска кандидатка, Камала Харис, за да „се насочи во корист на Демократската партија“ на изборите.

Во изменетата тужба поднесена во февруари Трамп го зголеми своето барање за отштета на 20 милијарди долари. Си-би-ес емитува две верзии од интервјуто со Харис, во кое давала разни одговори на истото прашање за војната меѓу Израел и Хамас, според тужбата поднесена во федералниот суд во Тексас.

Си-би-ес претходно тврдеше дека тужбата е целосно неоснована и побара од судијата да го отфрли случајот.

Трамп тврдеше дека уредувањето на интервјуто од страна на Си-би-ес го прекршило Законот за измамничките трговски практики и заштита на потрошувачите во Тексас, кој забранува употреба на лажни, заведувачки или измамнички практики.

Спогодбата на „Парамонт“ следува по одлуката на „Еј-би-ес њуз“, во сопственост на „Волт Дизни“, да реши случај за клевета што го поведе Трамп.

Како дел од таа спогодба, објавена на 14 декември лани, мрежата донира 15 милиони долари на претседателската библиотека на Трамп и јавно се извини за коментарите дадени од водителот Џорџ Стефанопулос, во кои погрешно се вели дека Трамп е прогласен за виновен за силување.

Матичната компанија на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, „Мета платформс“, исто така се согласи на спогодбата, која на 29 јануари објави дека се согласила да плати приближно 25 милиони долари откога Трамп ја тужеше затоа што неговите профили на тие социјални мрежи беа суспендирани по нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.

(Фото: ЕПА)

Текстот „Парамонт“ се спогоди со Трамп, ќе платат 16 милиони долари е превземен од МАКФАКС.