Претседателот на САД, Доналд Трамп денес изјави дека не секој сака електричен автомобил, па ни тој не сака. Ова се случува во период кога веќе извесно време се води борба на социјалните мрежи меѓу него и неговиот до неодамна близок соработник, основачот на „Тесла“ и милијардер Илон Маск.

„Не секој сака електричен автомобил. Јас не сакам. Можеби сакам бензински автомобил, можеби хибрид, можеби еден ден водороден. Но, има еден проблем со водородниот автомобил, тој експлодира. Па би можел да му го дадам на Питер, нека го земе“, се пошегува Трамп.

Пред помалку од четири месеци, претседателот Доналд Трамп купи „Тесла“. Потоа Трамп објави видео од себе како влегува во црвениот автомобил пред Белата куќа.

Зборувајќи покрај Илон Маск, кој му го предаде автомобилот, тој рече дека купува „Тесла“ затоа што е одличен производ и затоа што Маск „ја посветил својата животна енергија на ова“.

„Мислам дека мала група луѓе се однесуваат многу лошо кон него, сакам да знаат дека не можете да казните некого затоа што е патриот, а тој е патриот“, рече Трамп, додавајќи дека не знае за ниедна таква успешна компанија за нови автомобили во последните 30 години.