Континенталниот дел на Португалија е погоден од силен топлотен бран, а неколку области се под црвена временска тревога. Во неделата, екстремната топлина предизвика појава на необични метеоролошки феномени како што се ненадејни врнежи од дожд, силен ветер и град. Ретки „брановидни облаци“ се појавија и на некои португалски плажи.

Континенталниот дел на Португалија моментално се соочува со топлотен бран кој го зафати поголемиот дел од Западна Европа, со температури кои достигнаа до 42 степени Целзиусови во некои делови од Иберискиот Полуостров, Грција и Франција.

Топлината предизвика широк спектар на нестабилни временски феномени во Португалија, како што се ненадејни поројни дождови, силни грмотевици и град. Овие феномени беа поинтензивни во внатрешноста на земјата.

Во неделата, стотици капачи беа изненадени од густата облачност што излезе од океанот и се движеше кон плажата. Феноменот, познат како облак од бранови, погоди неколку плажи долж португалскиот брег во текот на попладневните часови.

Снимките брзо се проширија на социјалните мрежи.

Брановидните облаци се редок метеоролошки феномен што се создава со интеракција на воздушни маси со различни температури и морскиот ветрец. Овие облаци се цевчести по форма и се движат хоризонтално. Иако изгледаат како огромен бран, тие немаат никаква врска со цунами.

Како што се приближуваа облаците, се појави силен ветер што ги изненади капачите.

Со оглед на тоа што се очекува температурите дополнително да се зголемат во текот на неделата, стравот од големи пожари расте. Националната служба за цивилна заштита издаде предупредување до населението заедно со превентивни мерки и други препораки.

Во соопштението се наведува дека ризикот од пожар во руралните области е многу висок до максимум во внатрешноста на северот и центарот и во Алгарве.

Текстот (Видео) Ретка појава на португалските плажи: небото потемне, облак од бранови зафати дел од брегот е превземен од МАКФАКС.