МВР во функција на партиски бизниси, оценува СДСМ, коментирајќи случај со милионски тендер кој го добил советник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Под раководство на Панче Тошковски, МВР доделило милионски тендер за организирање возачки испити во Пелагонискиот регион на новооснована фирма „Супер Возач“, зад која стои функционер на ВМРО-ДПМНЕ, советникот во Општина Кичево – Филип Митрески. Оваа фирма е регистрирана само три месеци пред распишување на тендерот.
Смрди на корупција и на претходно договорени дилови. На ваков начин практично фирмата добива монопол врз профитабилен бизнис од јавен интерес – сите полагања во Битола, Прилеп и Ресен. Станува збор за сериозни индиции дека тендерот бил однапред наместен, дека целата процедура е креирана за да се обезбеди профит за партиски блиски структури“, велат од СДСМ.
Како што додаваат, ваков модел на доделување јавни услуги – на нови фирми без искуство, контролирани од партиски кадри – претставува класичен партиски грабеж.
СДСМ и претходно обвини за сомнителен тендер во МВР со набавка на униформи.
Партијата итно бара од Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет и да испита целиот процес, а Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас.