Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес пристигна во Киев со ветување дека ќе продолжи со воената помош за Украина додека таа продолжува да се бори против руската инвазија.

„Слободата и иднината на Украина се најважните задачи на нашата надворешна и безбедносна политика“, рече Вадефул за време на неговата прва посета на украинскиот главен град откако ја презеде функцијата минатиот месец.

Тој додаде дека Германија „цврсто ќе застане покрај Украина за да може таа да продолжи успешно да се брани – со модерна воздушна одбрана и друго оружје, хуманитарна и економска помош“.

Патувањето беше чувано во тајност од безбедносни причини до неговото пристигнување во понеделник наутро, а Вадефул пристигна во Киев со воз со претставници на германската индустрија за оружје. Германија е клучен снабдувач на воена опрема, оружје и финансиска помош за Украина.

Се очекува Вадефул да разговара со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибихa и да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Бабин Јар во 1941 година, каде што нацистичките окупаторски сили убија повеќе од 33.000 Евреи.

„Украина ќе одлучи дали Европа ќе остане место каде што преовладуваат слободата и човечкото достоинство или ќе стане континент каде што насилството ги преобликува границите“, рече Вадефул. Тој нагласи дека рускиот претседател Владимир Путин не бара мир, туку освојување по секоја цена.

„Затоа ние остануваме целосно посветени на поддршката на Украина“, рече тој. Вадефул, исто така, го критикуваше Путин за отфрлање на вистинската дипломатија, наведувајќи дека иако Украина постојано покажува подготвеност да се вклучи во сериозни преговори за завршување на војната, Путин останува непоколеблив во своите ригидни барања.

Текстот Германскиот министер за надворешни работи пристигна во Киев: ќе им оддаде почит на жртвите на нацистите е превземен од МАКФАКС.