На 30 јуни (понеделник) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи Концерт – рецитал на македонската пијанистка Горјана Стојановска од Битола. На концертот во Софија таа ќе ја претстави убавината и длабочината на класичната музика преку интерпретација на дела од Ј. С. Бах, Ф. Шуберт, Ф. Лист и А. Скрјабин.

Настанот ветува уникатно музичко патување, кое ќе ги поврзе различните стилови и периоди, создавајќи емотивно искуство за публиката. Програмата ќе ја поттикне длабочината на чувствата, размислувањата и инспирацијата, како и важноста на класичната музика во современото општество. Ќе биде овозможено поврзување со историјата и духот на музиката, како и уживање во магијата на живата изведба.

Горјана Стојановска е родена во Битола. На осумгодишна возраст го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште – Битола, каде што и матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Првите две години од високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје ги поминува во класата на проф. Борис Романов, а вторите две во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска кај која и дипломира во 2017г, а во 2019г и магистрира.

Во 2018 година се запишува и на усовршуавње на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан. Академијата успешно ја завршува во 2020 година. Учествува на мастеркласи кај истакнати педагози меѓу кои: Борис Романов, Јуриј Кот, Андреј Диев, Рувен Далибалтајан, Јулија Губајдулина и др.

Горјана има освојувано бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Во своето дејствување како пијанист има реализирано многу солистички рецитали, а во 2011 и 2014 година настапува како солист со Македонската филхармонија. Бележи настапи на повеќе фестивали како Есенски музички свечености – Скопје, Подиум на млади (како вонредна програма на фестивалот “Охридско лето”) – Охрид, Бит-Фест – Битола. Во 2024 година настапува во Виена како солист со камерниот оркестар на Националната опера и балет.

Од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.

Текстот Концерт – рецитал на Горјана Стојановска во Македонскиот КИЦ во Софија е превземен од МАКФАКС.