Министерството за социјална политика, демографија и млади организираше настан како дел од комуникациската стратегија и кампања- „Има живот без насилство“ фокусирана на подигнување на јавната свест за родово базирано насилство врз жените.

Настанот, како и целата кампања се реализира во соработка со Канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија и финансиска поддршка од Британската Амбасада во нашата држава.

По тој повод воведно обраќање имаше министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заменик амбасадорот на Обединетото Кралство во Северна Македонија, Даниел Филер и шефицата на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации во Северна Македонија, Афродита Шаља.

„Денес не сме тука само за да зборуваме. Денес сме тука да кажеме – доста е! Доста е молкот да биде одговор. Доста е насилството да биде „приватна работа“. Доста е секоја петта жена да живее во страв – дома, на работа, на улица. Насилството врз жените не е нешто непознато. Не е статистика. Тоа е секојдневна реалност која разорува животи – во тишина, зад затворени врати, во домовите каде љубовта треба да биде заштита, а не закана,“ посочи министерот Лимани.

Тој во своето обраќање се осврна на многуте лица на насилството- емоционално, економско, психолошко, сексуално. Како и последиците кои насилството ги остава зад себе.

Лимани упати силни пораки до жените -жртви на насилство, до мажите- вршители на насилство, но и до институциите кои треба да превенираат, заштитат и одговорат на насилството.

„Не сте сами. Има помош. Има излез. Има живот без насилство. Имате право на достоинство, на љубов без страв, на дом без болка. Машкоста не е во удирање, во викање, во понижување. Вистинската сила е во почитта, во разбирањето, во поддршката. Затоа, ако сте сведоци, не молчете. Ако сте татковци, научете ги синовите на љубов, не на страв. Или сте дел од решението, или сте дел од проблемот. Средина нема,“ порача Лимани.

Министерот го заврши своето обраќање со апел до пошироката јавност.

„Да не молчиме! Да пријавуваме! Да им веруваме на жртвите! Да реагираме како општество што штити, не што осудува! Ако и еден живот спасиме, вреди. Ако и една жена добие втора шанса, сме успеале. Но мора да работиме не за еден – туку за сите. Да изградиме општество во кое жените ќе бидат безбедни – во својот дом, на улица, на работното место, на интернет, секаде. Да ги учиме нашите деца – дека љубов не значи контрола. Дека насилството никогаш не е оправдано. Дека тишината не е заштита – таа е дозвола за насилникот. Почнуваме денес. Почнуваме тука. Со глас што нема да замолчи, со храброст што нема да отстапи. За секоја жена. За секое девојче. За секое утре без страв. Не молчи! Не толерирај! Дејствувај! Има помош! Има надеж! Има живот без насилство!“ нагласи Лимани.