Повеќе од 1.500 учесници од Бугарија, Република Северна Македонија, Молдавија и САД ќе ја претстават богатата традиција на 15-то издание на фолклорниот фестивал „Рила нè гледа“, кој се одржува во бугарскиот град Дупница. Организатор на манифестацијата е Дилиана Диканска, со поддршка на Општина Дупница, јавува Трибуна.

Програмата почнува вечерва во 21 часот со концерт на гостите- учесници од Молдавија, Северна Македонија и САД, како и настап на локалниот танцов ансамбл „Зора“. Настанот ќе се одржи на големата сцена во паркот „Рила“.

Свеченото отворање е закажано за утре, сабота, 28 јуни, со почеток во 9:30 часот. Во натпреварувачкиот дел ќе настапат танцови ансамбли, солисти, вокални групи и групи за народни ора. Настапите ќе ги оценува стручно жири, предводено од проф. Даниела Џенева.

Фестивалот е финансиран преку Националниот фонд за култура на Бугарија, а за сите гости во паркот „Рила“ повторно ќе биде организирана и Улица на занаетите, каде посетителите ќе можат да уживаат во ракотворби и традиционални производи.