Предлог – законот за Судски совет е прикачен на е-Влада, а Министерството за правда го доби и мислењето од Венецијанската комисија.

„Станува збор за конструктивен и содржаен документ што содржи јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои ние како Министерство вложивме сериозен фокус. Тие забелешки веќе се разгледани. Особено значајно за нас е што Комисијата го препозна транспарентниот и инклузивен процес при изработката на законот – преку јавни расправи, експертски консултации и вклучување на сите клучни чинители. Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина“, велат од Министерството за правда.

Според нив, ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството.

Клучни новини кои се предвидени со Законот: се предвидува јавност во постапкатата за разрешување на претседател/заменик на Советот, постапката мора секогаш да биде транспарентна, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“, воведување јавна расправа за кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност, зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите и унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ.

„За првпат, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот. Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега директно одговараме на таа препорака. Очекуваме предлог – законот за Судски совет наскоро да биде усвоен во Собрание, како што и беше предвидено“, велат од Министерството за правда.