Албанскиот премиер Еди Рама ја критикуваше британската политика за азил, тврдејќи дека земјата е „во многу темна состојба“ по Брегзит.
Во интервју за Гардијан, Рама ја обвини Велика Британија дека бара „места за испраќање имигранти“ инсистирајќи на формирање центри во трети земји, во кои би ги испраќале одбиените баратели на азил кои ги исцрпиле сите законски опции, објавува „Политико“.
Британскиот премиер Кир Стармер потврди минатиот месец дека Велика Британија преговара со други земји за овој план, но не кажа во кои земји. Стармер го објави ова за време на неговата прва официјална посета на Албанија.
Рама потоа рече дека Албанија сигурно нема да биде дел од тој план, бидејќи е „лојална на договорената соработка со Италија“.
„Фактот дека ова не само што е замисливо денес, туку веќе се случува, не е поради тоа што Стармер или Риши Сунак прават нешто скандалозно, туку затоа што Велика Британија е во многу темна состојба“, изјави Рама за Гардијан.
Албанскиот премиер изјави дека предлозите на Стармер се дел од „работите што се кажуваат, пишуваат или се прифаќаат како нормален дел од дискурсот во денешна Британија“ и посочи дека пред Брегзит тоа „би било целосно неприфатливо, смешно и срамно“.
Медиумот анализира дека за време на претходната конзервативна влада на Велика Британија, Лондон и Тирана потпишаа заедничка изјава и формираа работна група за борба против нелегалната миграција, што доведе до враќање на повеќе од 1.000 албански државјани од Велика Британија.
И покрај ова, односите меѓу двете земји честопати беа затегнати поради реториката на политичарите во Лондон за тоа како албанските баратели на азил ја „напаѓаат“ Велика Британија.
На крајот од интервјуто, Рама рече дека Стармер е „многу пристојна и прекрасна личност“ и јасно стави до знаење дека британскиот премиер јавно не побарал Албанија да се приклучи на неговата програма.
Текстот Рама: Велика Британија e во многу темна состојба по Брегзит е превземен од МАКФАКС.