Од првиот ден на мандатот, Владата што ја предводам е посветена на унапредувањето на добрите меѓуетнички односи како еден од најважните императиви за стабилна, праведна и европска држава.
Оваа определба добива уште поголема тежина ако се има предвид хаосот, поделбите, клиентелизмот и масовните злоупотреби што зад себе ги остави минатата влада, истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Тој дополни дека должност и обврска на Владата е да се издигне над таквата наследена состојба и да гради институции што не делат, туку обединуваат и што ги отвораат вратите за најдобрите, најобразованите и најуспешните.

„Денес, Владата го усвои Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, закон со кој отвораме ново поглавје на професионализам во јавниот сектор на државно и на локално ниво.
Овој закон има една јасна цел: Администрацијата да биде вистински сервис на сите граѓани, но изградена врз заслуги, знаење, професионалност и интегритет, согласно Уставот и Охридскиот рамковен договор.

За разлика од времето кога партиска книшка беше поважна од дипломата и стручноста, ние поставуваме нов стандард: Знаење, интегритет и заслуги.

Имаме обврска, после толку години на злоупотреби, да раскрстиме со минатото, градејќи институции кои не ги поддржуваат послушните, туку ги вреднуваат способните.

Јавен сектор каде што млад човек со квалитет може да напредува“.

Овој Предлог-закон како што најави Мицкоски ќе биде доставен на разгледување до Венецијанската комисија, затоа што како што рече сакаат највисоки стандарди и целосна усогласеност со европските вредности.

Законот, според неговата најава, ќе биде поднесен до Собранието откако ќе се добие мислењето од Венецијанската комисија.

„Ова не е чекор како што одредени политички партии сакаат да го злоупотребат против овој или оној.

Ова е одговорност кон сите.

Градиме држава што е праведна кон сите, што ги почитува сите и која напредува само ако напредува и секој еден граѓанин во неа.

Со овој закон, воспоставуваме баланс и го поставуваме и темелот на професионална, транспарентна, модерна и мултиетнички силна администрација“.

Според Мицкоски, силна и стручна администрација не е прашање на етничка припадност, таа е еднакво важна, како што рече, за секој граѓанин, без разлика од која заедница доаѓа.

„Кога институциите се праведни и ефикасни, сите граѓани добиваат подобра услуга.

Тоа е темелот на трајна меѓуетничка доверба и вистинска сплотеност.

Законот е гаранција дека етничките заедници ќе бидат соодветно и правично застапени, но истовремено во таков еден процес тој ќе ги штити квалитетите на сите етнички заедници.

Овој закон е одличен баланс и поттик за квалитетите и ги штити правата на сите. Им честитам на коалицијата ВЛЕН и на другите претставници на етничките заедници, ова е многу важен закон за македонците, за Албанците, за Турците, за Ромите, за Бошњаците, за Србите, за Власите и за сите, затоа што е закон кој ќе стимулира и ќе дава шанса, истовремено запазувајќи го квалитетот“, нагласи Мицкоски.