Портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, рече дека Белата куќа нема против Иранците да извршат државен удар и да ја соборат иранската влада.

„Ако иранскиот режим одбие да постигне мирно, дипломатско решение – за што претседателот сè уште е заинтересиран… зошто иранскиот народ да не ја одземе моќта на овој крајно насилен режим? Нашата позиција не е променета“, изјави Ливит денес за Фокс њуз.

Позицијата на Белата куќа за прашањето за соборување на режимот во Иран во последните денови беше предмет на контрадикторни пораки од самиот врв на американската администрација.

Иако американскиот претседател Доналд Трамп вчера на социјалните мрежи отворено сугерираше можност за „промена на режимот“ во Иран, сепак неговите најблиски соработници нагласуваат дека тоа не е официјална цел на американската политика.

„Политички не е коректно да се користи терминот „промена на режимот“, но ако сегашниот ирански режим не е во состојба да го направи Иран повторно голем, зошто да не се смени режимот??? напиша Трамп.

Високи претставници на администрацијата, вклучително и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и секретарот за одбрана Пит Хегсет, постојано нагласуваат дека американските воени операции против иранските нуклеарни постројки не се насочени кон соборување на режимот, туку исклучиво да го спречат Иран да развие нуклеарно оружје.

„Нашиот став е многу јасен: не сакаме промена на режимот… Сакаме да ставиме крај на нивната нуклеарна програма и потоа да разговараме со Иранците за долгорочно решение“, рече потпретседателот Венс, додека секретарот за одбрана Хегсет ја опиша операцијата како „прецизна“ и „ограничена по обем“.