Демократската унија за интеграција јавно ги осудува, како што велат, дискриминаторските практики при вработувањето во Центарот за управување со кризи, каде на последниот конкурс се примени 12 Македонци и тројца Албанци.
Оваа институција, велат од ДУИ, се води од директор со албанска етничка припадност, но, очигледно, со лојалност кон политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ситуацијата е алармантна. За Албанците нема значење ако раководителот е само Албанец по име, но не и по дела. Кога менаџментот служи како етничка декорација за да се прикрие систематското доминирање на една етничка група во институциите, тоа веќе не е јавно раководење, туку извршување на политички наредби спротивни на јавниот интерес и етничката рамноправност. ДУИ нема да молчи пред оваа политичка хипокризија, каде во име на „албанско претставување“, се прават валкани зделки за власт, а Албанците продолжуваат да бидат дискриминирани, дури и во институции што „формално“ се водат од Албанци, но во суштина ја газат рамноправноста и мултиетничкиот карактер на државата. Ја потсетуваме јавноста: духот на Охридскиот договор не се исполнува со декоративни Албанци на раководни позиции, кои ги спроведуваат одлуките на антиалбански центри на моќ“, велат од партијата.
Од ДУИ велат дека нема да дозволат албанското претставување да се сведе на имиња и функции, додека резултатите се исклучување и политичка послушност.
Текстот ДУИ: Албанците дискриминирани дури и под раководство на Албанец е превземен од МАКФАКС.