Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место – „Покрсти“, кое наскоро се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје, велат од Општината.
„Сместена во зелена околина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, локацијата „Покрсти“ го добива свој нов лик. Веќе е изградена асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активностите за уредување на плоштад, велосипедски патеки и поставување на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и други содржини кои ќе овозможат пријатен престој за сите посетители.
Локацијата има и традиционално значење, бидејќи токму по патеката „Покрсти“ секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката која се протега во должина од над 8 километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност преку целата година. Овој проект е дел од пошироката стратегија на општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам“, информира Општината.
„Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да го направиме достапно и пријатно за сите – за спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.