На денешен датум, 17 јуни, во 2018 година, Скопје и Атина го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји. Потпишувањето беше организирано во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето договорот беше ратификуван во македонското Собрание и во грчкиот Парламент. На 12 февруари 2019 година Договорот и официјално стапи во сила и Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Договорот наиде на негодувања од двете страни на границата, а во земјава беше спроведен и неуспешен референдум проследен со прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. На референдумот гласаа само 36,91 отсто од гласачите, од кои 91,47 проценти беа „за“, а 5,64 отсто „против“. Голем број граѓани во тој период се изјаснија дека ќе го бојкотираат референдумот. Во периодот на референдумот, беше забележана огромна меѓународна кампања, при што голем број лидери на држави и челници во ЕУ, го повикаа македонскиот народ да се согласи на промена на името и ветуваа почеток на преговорте со Унијата, што до денес не се случи.
Договорот де факто овозможи Грција да не стави вето на приемот на Македонија во НАТО и се обврза дека нема да стави вето ни за приемот на Македонија во ЕУ.