Сега на некој начин (Мицкоски, бел. уред.) глуми иницијатива, дека сака преговори со Бугарите, а мислам дека Бога моли да не се случи тоа. Мислам дека само слеп, не може да види дека оваа влада не е сериозно заинтересирана сериозно да отвори преговори со ЕУ. Ова во емисијата „24 анализа“ го изјави новинарот Насер Селмани. Тој додаде дека истото важи и за претходната влада.

„Тие ако почнат преговори, треба да почнат да го демонтираат системот, кој ги донел на власт, а тоа е практично да се борат против самите себе. Тие зборат за реформи во судството, ама гледате што се случува во судството. Тие не сакаат реформи во судството, сакаат судството да го стават под контрола, го гледате примерот со обвинителот Коцевски“, изјави Селмани.

Во однос на најавите за средба меѓу Сиљановска и Радев на маргините на следниот НАТО самит во Хаг Селмани е дециден дека Мицкоски бара изговори.

„Ако го следите неговиот наратив од почеток околу деблокирање на процесот на преговори со Европската унија, знаете дека почна со стратешко партнерство со Унгарија, виде дека таа приказна не врви. После тоа почна да не убедува дека бил прв кај Трамп со новото нормално, дека тој прв го почнал тој процес, а другите ќе се редат зад него, но и од тоа ништо“, вели Селмани.

Погледнете ја целата емисија 24 анализа емитувана на 11 јуни со гости Насер Селмани, Мерсел Биљали и Александар Кржалоски. Водител е Биљана Секуловска.