Украинскиот претседател Владимир Зеленски потпиша указ со кој се воведуваат нови санкции за руски граѓани и компании, објави Дојче веле, пренесува БГНЕС. Со овој акт шефот на државата ја спроведе одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана од декември минатата година.
Списокот со конкретните имиња на физички и правни лица сè уште не е објавен. Покрај тоа, една од одредбите на советот е класифицирана. Украинското Министерство за надворешни работи има намера да ги информира релевантните тела на Европската унија, Соединетите држави и другите земји за овие санкции, како и „да го покрене прашањето за примената на ваквите ограничувачки мерки“, се вели во одлуката на Советот за национална безбедност на Украина.
Санкциите на Украина против Русија стапија на сила во 2014 година по анексијата на полуостровот Крим и интервенцијата на Москва во источниот дел Украина. Како одговор, Русија исто така воведе санкции за физички и правни лица од Украина. Двете земји редовно ги ажурираат своите списоци со санкции.