Обединетите нации ги повикаа сите вклучени во немирите во Лос Анџелес да ја деескалираат ситуацијата откако демонстрантите се судрија со службениците за имиграција поради притворањето на нелегални мигранти.
„Не сакаме понатамошна милитаризација на ова“, изјави портпаролот на ОН, Фархан Хак, во Њујорк, како одговор на германската агенција ДПА.
„И ги охрабруваме страните на локално, државно и федерално ниво да работат на тоа да се случи ова. Се надеваме дека сите страни на терен ќе ја деескалираат ситуацијата“, додаде Хак.
Претседателот Доналд Трамп им нареди на припадниците на Калифорниската Национална гарда да влезат во Лос Анџелес за време на викендот и покрај противењето на гувернерот Гевин Њусом. Им беше наредено да дејствуваат против демонстрантите кои протестираа против рациите на федералните агенти за имиграција насочени кон нелегалните мигранти.
Трамп верува дека ситуацијата во градот на западниот брег на земјата, каде што луѓето масовно протестираат од петокот поради постапките на агентите на Службата за имиграција и царина (ICE), излезе од контрола.
Градската полиција одговори со солзавец и гумени куршуми додека демонстрантите палеа автомобили и фрлаа молотови коктели. Уапсени се неколку десетици луѓе.
Трамп не ја исклучи можноста за распоредување дополнителни трупи, а денес се закани дека неговиот шеф на граничната патрола, Том Хоман, ќе го уапси Њусом за попречување на напорите за спроведување на имиграциските закони.
„Овие луѓе треба да пораснат“, изјави Њусом за NBC News.
„Таквото брборење е заморно. Затоа, Том, уапси ме. Ајде да одиме“, вели тој.