Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека Гренланд не е на продажба, ниту пак Антарктикот.
„Гренланд не е на продажба, ниту Антарктикот, ниту длабокото море не се на продажба“, рече Макрон за време на својот воведен говор во францускиот крајбрежен град Ница на конференцијата на Обединетите нации за заштита на океаните, со што индиректно ги осуди континуираните закани на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на островот, објави BFM TV.
Во недела, Макрон ќе го посети Гренланд, каде што ќе разговара со премиерот на таа автономна територија што е дел од Данска, Јенс-Фредерик Нилсен, и премиерката на Данска, Мета Фредериксен, за безбедноста на Северниот Атлантик и Арктикот, за климатските промени, енергијата и критичните минерали, објави кабинетот на францускиот претседател.
Откако се врати во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп постојано ја изразува својата желба да го контролира овој стратешки позициониран остров богат со минерали. Шест месеци откако САД по втор пат под водство на Трамп го напуштија Парискиот договор за климата, чија цел беше намалување на емисиите на стакленички гасови, францускиот претседател силно го бранеше мултилатерализмот, пренесува Танјуг.
„За да ја добиеме битката за океаните, мора да го оживееме мултилатерализмот“, рече Макрон.