Судењето за бруталното двојно убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес, во кое главен обвинет е Љупчо Палевски – Палчо, продолжува денес, 9 јуни 2025 година, во Основниот кривичен суд Скопје. Покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Судската постапка беше презакажана по барање на надлежниот јавен обвинител, кој побара дополнително време за подготовка на завршните зборови, со оглед на комплексноста на случајот, големиот број на изведени докази и дополнетата доказна постапка. Судот го прифати барањето и расправата ја презакажа од првично најавениот 2 јуни за денешниот термин.
Според соопштението од судот, јавноста и претставниците на медиумите и невладините организации кои го следат случајот, беа навремено известени за промената.
На последното рочиште беа изведени дополнителни докази предложени од одбраната на Палевски, Видевски и Ѓорчевски, додека одбраната на останатите обвинети – Манев и Кешишов – не достави нови предлози. Особено внимание предизвика приговорот на Палевски кој го оспори временскиот запис од безбедносните камери во дворот на Велибор Манев, тврдејќи дека времето не било реално, иако снимките биле вештачени и потврдени од страна на МВР форензика.
Според обвинителниот акт, петтемина обвинети се товарат за планирано грабнување на 14-годишната Вања, со цел изнуда на откуп од нејзино блиско семејство. Грабнувањето на Панче Жежовски, пак, според обвинението, било извршено за да се добие неговото возило „Ситроен“, кое подоцна било користено при киднапирањето на девојчето во Скопје.
Двете жртви беа пријавени за исчезнати крајот на ноември 2023 година, а нивните тела беа пронајдени на 3 декември во близина на Скопје и Велес, што ја потресе јавноста во целата земја.
Случајот влегува во завршна фаза, каде Обвинителството ќе ги изнесе своите завршни зборови, по што се очекува одбраната да даде свои завршни аргументи. Потоа, Судот ќе ја донесе својата одлука за еден од најмонструозните случаи во поновата македонска историја.