Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески исклучува секаква одговорност на обвинителството за случајот „Монструм“, кој на повторно судење го врати Врховниот суд.

Вака одговори Јовевски на пратеничко прашње на Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ, кој потсети дека обвинителката Лилјана Спасовска на седница на Врховниот суд во 2017 година изјавила дека предметот треба да се врати на повторно одлучување заради утврдување на фактичката состојба.

„Моето коментирање на определени докази може да значи и влијание врз судската власт. Неблагодарно е да се коментираат состојбите во предметот, да почекаме и одбраната да ги изложи завршните зборови, а за тоа како обвинителството гледа на доказите јавноста беше запознаена преку завршните зборови на обвинителите изнесени на минатото рочиште“, вели Јовески.

Обвинителката Фатиме Фетаи пред една недела даде завршни зборови, направи прецизирање на обвинителниот акт, но остана на тоа дека станува збор за тероризам и побара затворски казни за петмина од обвинетите кои и претходно беа осудени. Само за еден се откажа од обвинението бидејќи рече дека немало докази.

За тројца обвинети за тероризам побара доживотен затвор, додека за двајца обвинети за кривични дела поврзани со помагање, пак, побара максимални затворски казни.