Амбасадорката на Република Северна Македонија, г-ѓа Агнеза Руси Поповска, испрати благодарствено писмо до извршниот директор на УМБАЛСМ „Н. И. Пирогов“, во кое изразува благодарност за спасувањето на најтешко повредените деца и младинци од Кочани, јавува БНР, пренесува Трибуна. Во писмото амбасадорката наведува:

„Почитуван д-р Димитров, дозволете ми да ја изразам мојата најдлабока благодарност до Вас и целиот тим на УМБАЛСМ Пирогов за вашата посветеност и ангажман кон повредените македонски пациенти од трагичниот пожар во Кочани, за кои се грижевте во Пирогов од самиот ден на инцидентот.

УМБАЛСМ ‘Пирогов’ под Ваше раководство, како и цела Бугарија, ги пречека нашите сограѓани со отворени срца. Вашата брза реакција и подготвеност да помогнете беа зрак светлина во овие исклучително тешки моменти за сите нас.

Исклучителната грижа што ја обезбедија вашите тимови, хуманото однесување и професионалното лекување на повредените пациенти, кои ги добија токму кога им беше најпотребно, беа од клучно значење за нивното заздравување и безбедно враќање дома. Со вашата посветеност, вие ги надминавте границите на медицинската грижа и дадовте пример за човечност, сочувство и пријателство. Македонскиот народ секогаш ќе се сеќава на солидарноста и несебичноста што ја покажавте.

Уште еднаш, почитуван д-р Димитров, ви изразувам искрена благодарност до Вас и целиот тим на УМБАЛСМ Пирогов за сите ваши напори, грижа и солидарност.“