По четири години претседателство на Доналд Трамп, кое значеше многу превирања во САД и особено по побуната во Капитол, иднината на општествениот статус на Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џеред Кушнер веројатно нема да биде онаква каква што очекуваа по излегувањето од Белата куќа.
Откако пред четири години Иванка и Џеред влегоа во Белата куќа и станаа десна рака на Доналд Трамп, неговото претседателство стана дел од презентација и на нивната моќ. Тие тројца се качија на политичкиот врв на САД, но Белата куќа ја напуштаат извалкани со четиригодишен мандат одблежан со превирања, трагедии и скандали. Побуната во Капитол, која ја толерираа, беше последната капка која прелеа чашата.
Пред нередот на Капитол во вестите и на социјалните мрежи се расправаше за нивната иднина и се поставуваше прашање дали ќе ги отфрлат или прифатат во социјалните кругови
– Постои мит за тоа дека Џеред и Иванка ќе бидат отфрлени од социјалните кругови. Богатите никогаш не ги отфрлаат додека не завршат во затвор или изгубат пари – вели Тина Браун, новинарка специјализирана за следење на состојбите во елитите на САД.
По нередот во Капитол, односот кон најамбициознната двојка од кланот на Трамп значително се смени. Во последните денови на својот мандат, Доналд Трамп, свесен дека и понатаму се правно изложени на истраги на државно ниво, наводно ја разгледувал можноста за превентивно помилување на членовите на своето семејство. Државниот адвокат од округот Колумбија, Карл Рацин, рекол дека Трамп може да се соочи со прекршочна пријава поради поттикнување други на насилство.
Иванка Трамп и самата беше неодамна испитувана во истрагата за отпис на милион долари данок на „Трамп Организејшн“, што опфаќа и некои нејзини советнички накнади. Во исчекување на решавањето правни проблеми со кои ќе бидат соочени, јавноста се забавува со нивното идно живеалиште. Според едни тие најверојатно ќе живеат на Флорида, каде Трамп поседува голф клуб, или во Њу Џерси каде живее поголем дел од семејството Кушнер, но никако во Њујорк. Некои спомуваат дека најверојантно ќе се во Мајами.
Но, каде и да се едно е сигурно, а тоа е дека со едната нога секогаш ќе се на Менхетн, каде во авенијата „Трамп Парк“ имаат стан и од каде со години, им се додворуваа на медиумите и луѓето од светот на забавата. Договараа кратко појавување во серијата „Озборувачка“, се појавуваа на модни ревии и негуваа взаемно корисни пријателства како она со Челси Клинтон, а сето тоа со цел подобрување на својата репутација. Но, во ова средина сега Иванка и Џеред потешко ќе се вклопат.
Вложувањето во статусот кое го почнаа пред осум години со заедничка вечера во „Четири сезони“ на која се славеше нивното преземање на весникот „Њујорк обсервер“, се стопи по четири години имиграциска политика со нулта толеранција, ситеерасистички и ксенофобни реторики и лошо управување со јавно-здравствената криза, па ги нема веќе луѓето кои ги поддржуваа и ги фалеа.
– Целата поента на доаѓањето во Вашингтон беше подобрување на личниот профил и импресионирање на луѓето кои со години се обидуваат да ги импресионираат. Администрацијата на Трамп беше ужасна, а соучесништвото во таа неправда имаше спротивен ефект. Тие луѓе кои се обидоа да ги импресионираат по доаѓањето нема да сакаат да имаат било каква врска со нив – вели Елизабет Спирс, поранешна главна уредничка на „Обсервер“.
Дека тоа е така, се докажа откако луѓето кои се декларираа како нивни блиски пријатели одбија да ја коментираат приказната или се оградија дека се блиски пријатели со нив.
– Високото друштво секогаш толерирало лошо однесување, но криминал и вулгарност никогаш не биле прифатени. Во конкретниот случај негативно светло на нив фрлија и етичките и морални престапи – вели Лорен Санто Доминго, уредничка и припадничка на општествената класа на која сакаат да ѝ се приближат Кушнерови.
Едно е сигурно, а тоа е дека нивниот календар на социјални настани нема ни малку да е сличен на оној за кој се надеваа пред влегување во политичката арена. Барем одредено време, во одредени делови од САД нема да можат да бидат сигурни дека никој од нивното блиско опкружување не им работи зад грб.
– Некое време ќе се прашуваат, влегувајќи во секоја просторија, дали на луѓето им се гади од нив – вели трамповиот биограф Тим О’Брајен.