Отворен е конкурсот за „Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство 2025“, годишен конкурс за најдобрите истражувачки стории во Република Северна Македонија.

ССНМ ги поканува сите новинари кои имаат објавено истражувачки стории во текот на претходната календарска година да се пријават за ЕУ наградата за истражувачко новинарство. Наградниот фонд изнесува 10.000 евра и признанијата се доделуваат во рамките на проектот „Зајакнување на квалитетот на новинарството на Западен Балкан и Tурција II“. Целта на наградата е да ги препознае извонредните достигнувања во истражувачкото новинарство и да ја зголеми видливоста на квалитетните стории.

Наградата се доделува во земјите од Западен Балкан (Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија) и Турција. Покрај националните признанија повторно ќе бидат наградени и најдобрите регионални стории.

Награднот фонд за националната и за регионалната награда изнесува по 10.000 евра. Во секоја земја трите најдобри стории ќе бидат наградени, а националните и регионалните награди изнесуваат по 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ место и 2.000 евра за трето место.

Секој кандидат може да пријави свои стории за националната, за регионалната или и за двете награди. Еден кандидат на конкурсот може да пријави најмногу три стории.

Жири-комисијата за националната награда има екслузивно право сториите кај кои ќе препознаат регионална вредност да ги предложат и за регионалната награда, дури и во случај тие стории при аплицирањето да не биле пријавени за тој конкурс. Во овој случај организаторите ќе побараат дозвола од авторот за да учествува на регионалниот конкурс.

Конкурсот за ЕУ наградата за истражувачко новинарство 2025 го организира Томсон медија, а спроведувач во Република Северна Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, организации со децениско искуство во развој на медиумите, промоција на правата на новинарите и професионалното новинарство.

Рокот за поднесување апликации е 16 јуни, 2025 до 00:00 часот.

Овој проект е финансиран од Европската Унија и е спроведуван од конзорциум кој го сочинуваат Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб, Централно-европскиот Универзитет (ЦЕУ) – Унгарија, Асоцијацијата на новинари (АЈ) – Турција, Томсон Медија (ТМ) – Германија, Универзитетот Гоце Делчев Штип (УГД) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) – Северна Македонија, Асоцијацијата на медиумите од југо-источна Европа (МАСЕ) – Црна Гора и Балканската истражувачка репортерска мрежа Косово (БИРН Косово).

Текстот Објавен конкурсот за „Наградата од Европската Унија за истражувачко новинарство 2025“ е превземен од МАКФАКС.