Во македонскиот КИЦ во Загреб во рамките на програмата по повод 145-годишнината од постоењето на Музејот на уметности и занаети – Загреб, на 13-ти мај ќе биде отворена изложбата ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ на една од најзначајните македонски графичарки, Менча Спировска. На изложбата ќе бидат претставени речиси непознати дела за хрватската јавност создадени во 1950-тите години во Загреб.

Изложбата се реализира како заеднички проект на загребскиот Музеј на уметностите и занаетите и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб по повод 145-годишнината од основањето на загребскиот Музеј за уметности и занаети. Директорката на македонскиот Културно-информативен во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ги потврди заложбите на директорот на Музејот за уметности и занаети, Сањин Михелиќ дека со оваа изложба се промовираат вредностите на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија, кој потенцираше дека во годината кога ја одбележуваат 145-годишнината од постоењето на Музејот ќе следи уште една исклучителна изложба на фотографии од студиото на семејството Арсовски во соработка со македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и Музејот на Град Скопје.

Изложбата насловена ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ за првпат го претставува комплетниот уметнички опус на Менче Спировска создаден за време на нејзиното студирање во Загреб, кој што се чува во фондовите на Музејот на уметности и занаети. Централно место на изложбата е нејзиното до сега неизложено дело од областа на графичкиот дизајн, „Концептуален дизајн за рекламна туристичка брошура на Загреб“, кое сега за првпат ќе биде изложено во целост, создадено за време на нејзините студии на поранешната истакната Академија за применети уметности во Загреб, којашто оставила значаен траг во развојот на уметноста, дизајнот и визуелната култура во Хрватска.

Изложбата го прикажува и придонесот на македонските студенти на загрепската уметничка сцена во 1950-тите, а Менче Спировска зазема посебно место како посредник на културните и естетските вредности на двете земји.

Текстот Изложба ,,Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ во Загреб е превземен од МАКФАКС.