Министерството за здравство информира дека заклучно со 11 јануари 2021 година не е утврдено присуство на мутацијата на САРС-КоВ-2 вирусот од Велика Британија во нашата земја. Овие наоди се базирани на податоците од лабораторијата на ИЦГИБ-МАНУ добиени при анализа на геномите на близу 180 САРС-КоВ-2 вируси кај пациенти од Македонија дијагностицирани во периодот јуни 2020 – 11 јануари 2021 година.

Во лабораторијата во МАНУ се врши секвенционирање на целиот геном на вируси детектирани кај пациенти со Ковид-19 од нашата земја со цел да се утврдат соевите на вирусот кои циркулираат во нашата популација, начинот на нивното ширење и можната корелација со различната клиничка презентација на болеста. Последните податоци се однесуваат на анализа на 50-тина геноми во периодот декември 2020 – 11 јануари 2021 година.

Од почетокот на пандемијата досега се анализирани близу 180 вирусни геноми при што е утврдено присуство на околу 20 соеви на вирусот.

Соевите се изолирани од пацинети од различни градови од земјата. Од присутните соеви на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај >75% од пациентите. И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои B.1.1 сојот (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија, итн.) има стабилна фреквенција, додека фреквенцијата на B.1.1.70 сојот (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти.

Ова зголемување кај B.1.1.70 сојот корелира со присуство на дополнителна мутација (Q677H) во -S-генот (spike протеинот) на вирусот која е за првпат детектирана во јуни 2020 кај пациент со Ковид-19 од Охрид и овој варијантен сој е доминантен од месец ноември наваму во нашата земја. Истиот во меѓувреме е детектиран со ниска фреквенција и во неколку други земји, меѓу кои Швајцарија и Данска.

И покрај тоа што не се направени функционални испитувања на оваа варијанта, согласно епидемилошките податоци во нашата земја во последниот период, се претпоставува дека варајантниот сој не е поврзан со зголемена трансмисивност ниту пак со тежината на клиничката слика на заболените.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.