Министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити очекува министерот за здравство Арбен Таравари и лидер на Алијансата за Албанците, како што ја напушти коалицијата „Влен“ за претстојните локални избори, да ја напушти и Владата. Меџити вели дека синоќа имале седница на Владата, на која, покрај за реализација на програмите и проектите, разговарале и за политичката ситуација.
„’Влен’ нема никакви дилеми, продолжува во таа насока за што и ги побара тие 107 илјади гласа како победник во албанскиот кампус. Како што ветивме – донесовме промена, ротација, плурализам и демократија во албанскиот кампус. Ние стоиме цврсто на тој пат. Тука е проблем господинот Таравари. Ние одлучивме дека ‘Влен’ ќе биде едно, ќе се стопат сите политички партии во ‘Влен’ оти тоа го бараат нашите гласачи. Второ, одлучивме дека и соработка со ДУИ и останување во ‘Влен’ не е можно и мислам дека и соработка со ДУИ и дел од Владата не штима, не оди. Тоа е нашиот политички став, ист ќе биде и на 29 април и на 1 мај. Нема логика да се соработува со ДУИ и да се биде дел од Владата“, рече денес министерот Меџити по обраќањето на Форумот за енергетика и технологија помеѓу Чешка и Северна Македонија.
Според него, Меџити треба да се определи. Има легитимно право да соработува со ДУИ, но треба да не се срами, да го објави тоа и да премине во тој табор.
Меџити не одговори конкретно на прашањето дали од премиерот Христијан Мицкоски ќе побара Тарвари да ја напушти Владата, но потврди дека е можна средба меѓу нив, на која, без разлика на кој датум ќе се одржи, политичкиот став на „Влен“ ќе биде ист.
Спојувањето на партиите што сега се дел од коалицијата „Влен“, со исклучок на Алијансата за Албанците, е во тек. Меџити извести дека претседателството ќе има 23 члена и дека неговото име е меѓу оние што се споменуваат како кандидати за лидери.
Текстот Таравари не може и да соработува со ДУИ и да биде дел од Владата, вели Меџити е превземен од МАКФАКС.