„Демократската унија за интеграција остро реагира на последните скандалозни информации поврзани со Инспекторатот за примена на Законот за употреба на јазиците, институцијата која има клучна улога во надзорот и спроведувањето на правото на службена употреба на албанскиот јазик“, велат од ДУИ.
„Инспекторите на оваа институција, веќе повеќе од четири месеци немаат добиено плата. Тие се оставени без социјално и здравствено осигурување, без елементарна безбедност за себе и за своите семејства.
Ова не е само социјална неправда – ова е намерна стратегија за уништување на институцијата, со цел да се натераат обучените и лиценцирани инспектори да ја напуштат својата работа, а со тоа да се парализира системот на контрола.
Оваа акција е само една етапа од поширок, координиран напад врз статусот на албанскиот јазик во Република Северна Македонија.
• Најпрво беше одземена независноста на Инспекторатот, ставајќи го под надлежност на Министерството за правда, со што институцијата беше ставена во политичка зависност.
• Потоа следеше системско игнорирање на законот од страна на институциите,
• Министерствата, јавните претпријатија и нивните веб-страници се исчистени од содржини на албански јазик,
• А сега, се удира и по самата институција која е формирана да го штити законот.
Истовремено, Уставниот суд го разгледува Законот за јазиците под притисок, со можност да се поништат неговите клучни одредби.
Ова не е случајна негрижа. Ова е смислена операција за демонтажа на целиот систем изграден околу службената употреба на албанскиот јазик.
Ова е момент што не трпи молк. Секој што молчи денес, ќе биде соучесник утре.
Нашиот повик е до сите – без разлика на етничка припадност, политичка ориентација или позиција во општеството. Претставници на граѓанскиот сектор, граѓани, интелектуалци, медиуми, меѓународни партнери – сега е времето да се крене гласот.
Албанскиот јазик не е симболика. Тој е уставно право, еднаквост, мир и достоинство“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Текстот ДУИ: Се урива еден од столбовите на Законот за јазиците – секој молк денес е соучесништво утре е превземен од МАКФАКС.