Од Демократската унија за интеграција остро реагираат на последната прес-конференција на главниот јавен обвинител, кој се повика на меѓународни примери како Романија, Бразил и САД, за да ја оправда одлуката за воведување долгорочна каузалност и отворање обвиненија против поранешни функционери.
„Ова не е право, ова е правна импровизација. Главниот обвинител не се води од закон, туку од желба за аплауз“, велат од ДУИ.
Од партијата потенцираат дека, за разлика од тврдењата на обвинителството, во ниту еден од наведените меѓународни случаи не се случило да се водат процеси против луѓе кои немале допирна точка со самата трагедија. Одговорност, според истражувањата, сноселе само директно инволвираните – најчесто три до пет лица – без историски ревизии или вештачки проширување на вината.
„Наместо да ја бара вистината низ призмата на правдата, обвинителството оди по патот на популизмот и спасување на Владата. Овој пристап не е само антипрофесионален – тој е антиуставен“, истакнуваат од ДУИ.
Според нив, ова е јасен показател за политички договор помеѓу извршната и судската власт, што ја нарушува независноста на правосудниот систем.
„Претворањето на трагедијата во алатка за лична или институционална промоција е опасна девијација. Последиците од ваквото дејствување можат да бидат несогледливи“, предупредуваат од партијата.
ДУИ упатува јасен апел:
„Обвинителството мора веднаш да го прекине трансакцискиот однос со Владата. Правото не се практикува по нарачка. Кариерите на политичарите и обвинителите не смеат да се градат врз туѓа трагедија“.
Од ДУИ јасно порачуваат: „Историјата, правото и јавноста ќе ги паметат тие имиња – не како херои на правдата, туку како пример за злоупотреба на правниот систем под политички и јавен притисок.“