Македонското еколошко друштво, во соработка со Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Подружница Шар-Гостивар, започна со пошумување на пределот Буковиќ, важен природен екосистем и клучен био коридор за балканскиот рис.

Акцијата за пошумување, како што информираат надлежните е во полн ек.

Со заеднички напори на еколозите и шумарите се садат 21.000 садници од видот бука (Fagus sylvatica), кој според експертската проценка е најсоодветен за ова подрачје. Овој вид не само што е автохтон за пределот, туку и најзастапен – токму по него регионот го носи името Буковиќ. „По скоро две години од отпочнувањето на проектот, после многу истражувања и анализи на терен, конечно успеавме да ги започнеме активностите за обнова на Буковиќ, кој е исклучително важен биокоридор за крупните ѕверови. Горда сум што првпат, заедно со шумарскиот сектор, работиме за иста цел, а тоа е заштита на живеалиште, кое е дом на критично загрозениот балкански рис и придонесуваме кон одржливост на шумските екосистеми. Сакам да изразам огромна благодарност за посветеноста и одличната соработка со ЈП “Национални шуми”, особено на Подружната единица “Шар”- Гостивар, кои го дадоа својот огромен придонес за успешна реализација на активностите, како со својата експертиза, така и со работа на терен“, изјави Сара Крстевска, проектна асистентка во Македонското еколошко друштво.

Со оваа акција не се обновува само шумскиот покров, туку се придонесува и за заштитата на едно од последните природни живеалишта на загрозениот балкански рис. Пределот Буковиќ е дел од важен биолошки коридор, кој овозможува движење и опстанок на оваа ретка дива мачка.

Пошумувањето се спроведува во рамки на проектот „Иницијатива Северни шуми“, што како што е соопштено се реализира заедно со партнерите PPNEA од Албанија и Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, со целосна поддршка од Шведската поштенска фондација.

Македонското еколошко друштво со оваа акција испраќа силна порака: преку обнова на шумите – го обновуваме и животот. Пошумувањето на Буковиќ претставува долгорочна инвестиција во природата, но и во иднината на регионот.

Текстот Започна пошумувањето на Буковиќ: Обнова на шумата и зачувување на домот на балканскиот рис е превземен од МАКФАКС.