Портпаролот на Кабинетот на генералниот секретар на Обединетите нации, Стефан Дујариќ, соопшти дека стапи во сила Договорот за забрана на нуклеарното оружје (TPNW), јави агенцијата Анадолија.
Дујариќ истакна дека тоа е прв меѓународен договор за забрана на нуклеарното оружје што стапил во сила.
Раководството на Обединетите нации го поздрави стапувањето во сила на договорот, што се случи откако потребните 50 членки на ОН го ратификуваа документ. Последна земја што го направи тоа беше Хондурас, потсетува Анадолија.
Договорот за забрана на нуклеарното оружје беше усвоен на 7 јули 2017 година со гласовите на 122 од вкупно 193 членки на Генералното собрание на ОН.
Целта на договорот е уништување на нуклеарното оружје и забрана на развојот на ново оружје во целиот свет.
Од усвојувањето досега, параф на договорот ставија 84 земји, а 50 од нив изречно бараа целосно да се забрани развојот, производството, тестирањето и складирањето на нуклеарното оружје.
Договорот не го потпишаа земјите што поседуваат нуклеарно оружје – САД, Русија, Велика Британија, Кина, Франција, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел, јави Анадолија.