Заврши времето кога пајакот и кабелот беа криви. Македонските граѓани можат да направат разлика и за она што досега е спроведено, во споредба на што досега било правено претходно, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на заедничка прес конференција со јавниот обвинител Љупчо Коцевски на која беа споделени детали од истрагата за пожарот во „Пулс“ во Кочани.
„Мислам дека на секој еден од нас му е јасно дека разликата е огромна, дека за разлика од претходно со оние три, четири трагедии коишто цело време се споменати во јавноста, каде што имавме повеќе од седумдесеттина жртви. Во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до Јавното обвинителство. Во минатото МВР, немаше ниеден осомничен којшто би требало да го процесуира и даде на понатамошна обработка на Јавното обвинителство.“, рече Тшковски.
Додаде дека не смее да се дозволи истрагата да биде под влијание на политичките препукувања од недобронамерниците кои сакајќи на гневот на македонските граѓани да заработат некој политички поен, можат да го изместат текот на настаните во непосакувана насока од аспект на спроведување на законите.
„Нема да го дозволиме тоа. Ќе продолжиме и понатаму да работиме и за секој еден што ќе биде утврдено било каква причинско последична врска со предметниот кривично правен настан каде што загинаа 61 млад човек, ќе биде преземено соодветно дејствие, во рамки на законските надлежности коишто се дадени, како на Министерството за внатрешни работи, така и на Јавното обвинителство.“, нагласи на крај министерот Тошковски.
На денешната прес-конференција беше соопштено дека проширената истрага за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ опфаќа нови 19 лица. Од нив, за 4 осомничени е предложена мерка притвор, за 7 осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, додека за уште 7 се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата. Меѓу новоосомничените се и поранешни министри во Министерството за економија, како и директори на Дирекцијата за заштита и спасување.