САД гледаат „огромен ентузијазам од други земји, вклучувајќи ја и Кина,“ изјави претседателот Доналд Трамп попладнево, по објавата за 90-дневна пауза на сите, како што ги нарекува, реципрочни царини, со исклучок на Кина, за која царините ќе се зголемат на 125 отсто.
„Кина сака да направи договор. Тие само не знаат точно како да пристапат. Знаете, тоа е една од тие работи – не знаат точно… Тие се горд народ“ им рече тој на новинарите за време на настан во Белата куќа, пренесе „Си-ен-ен“.
„А и претседателот Си е горд човек. Го познавам многу добро, и тие не знаат баш како да пристапат. Но ќе го разберат тоа. Во процес се на разбирање, но сакаат да постигнат договор.“
САД во првичната објава ја зголемија царината за Кина на 104 отсто, по што Кина брзо одговори со објавување на царина од 84 отсто за увозот од САД.
Претходно денес, Трамп ги стопира царините на 90 дена за сите освен за Кина, за која ги зголеми на 125 отсто. Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека објавата на претседателот Доналд Трамп за зголемување на царините за Кина на 125 отсто е поради нивното инсистирање на ескалација. Зголемувањето на царината од страна на Кина, тој го нарече автогол.