Професорот на Медицинскиот факултет и хирург на Првата хируршка клиника на Универзитетскиот клинички центар на Србија, Владимир Дугалиќ, за Фонет изјави дека посетата на претседателот Александар Вучиќ на пациенти од Македонија на одделот за интензивна нега е „срамна политичка пропаганда“, пренесуваат српски медиуми.
Дугалиќ истакна дека понекогаш се кае што е дел од лекарската професија кога ќе види како некој пушта „ненадлежен човек без капа“ на интензивна нега, каде пристапот е строго забранет дури и за членовите на семејството на пациентите.
Професорот Дугалиќ нагласи дека „изгорениците се отворени рани“ и дека пациентите кои се жртви на пожарот во Македонија се „животозагрозувачка состојба“.
Тој рече дека поради ова јавно се одрекува од „колегите кои му дозволиле на Вучиќ да влезе на интензивна нега“, оценувајќи дека тоа е учество во политичка пропаганда која директно ги загрозува животите на луѓето.
Во оваа политичка пропаганда, како што наведе, учествува и министерот за здравство Златибор Лончар, на кој според Дугалиќ повеќе не може да му се верува бидејќи е подреден на власта.
На прашањето како е можно лекарите од УКЦ да му дозволиле на Вучиќ со голи раце да допира пациенти со изгореници опасни по живот, Дугалиќ одговори дека тој и неговите „нормални колеги се згрозени“ и повтори дека се одрекува од „оние колеги кои учествуваат во тој тип на политичка пропаганда“ на начин што може да ги загрози животите на пациентите.
Текстот Српскиот хирург Дугалиќ: Јавно се откажувам од колегите кои го пуштија Вучиќ да влезе на интензивна нега е превземен од МАКФАКС.