Младите да се водат според личните афинитети и потребите на пазарот на труд кога носат одлука каде академски ќе се образуваат. Ова е пораката која ја упати министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска до средношколците кои денеска го посетија Саемот за образование во Скопје, што го организира студентската иницијатива „Студентарија“, а на кој повеќе високообразовни установи и компании ги претставија можностите за студирање и вработување на младите.
„Како ученици од завршната година во средното образование доволно сте возрасни самостојно да одлучите во која област ќе се надградувате и ќе работите, согласно своите афинитети, но сметам дека секогаш предвид треба да ги имате потребите на пазарот на трудот. Така ќе бидете поуспешни. Ќе имате сатисфакција при учењето и полесно и побрзо ќе го ефектуирате стекнатото знаење. Брзо ќе дојдат уписите и овој собир е добра можност да се подготвите за правилна одлука“, рече Јаневска.
Министерката им порача на универзитетите да се потрудат да бидат што поконкурентни, да ги модернизираат студиските програми и постојано да создаваат нови можности, особено во делот на младинската размена заради стекнување меѓународни искуства.
„Важно е да ги задржиме младите тука, оти без нив државата нема иднина. Ќе потсетам дека за 7 години, имаме 7 илјади помалку студенти. Високообразовните установи треба да инспирираат и да создаваат нови и што поквалитетни генерации на кои ќе им оставиме да ги водат општествените процеси“, нагласи министерката.
Упати порака и до компаниите да се вклучат во практичната обука на студентите и да им понудат пристоен работен ангажман по дипломирањето, со можности за кариерен и професионален развој.
„МОН и Владата ќе ги поддржат сите страни. Го јакнеме студентскиот стандард. Годинава имаме 30 милиони евра или 18% поголем буџет од лани за оваа намена. Прошируваме одредени права како субвенционираниот студентски оброк, а ќе бидат доделени и ваучери за набавка на ИТ уреди, за сите студенти. Повеќе пари ќе се распределат на универзитетите и веќе има повисоки плати за професорите. И за бизнисите има поддршка, особено доколку се заложуваат за креирање иновации“, рече министерката.
Јаневска потенцираше дека синергијата помеѓу сите чинители на високото образование е важна и мора да се одржи за младите да добијат квалитетно образование, достоинствена работа и пристоен живот во својата држава.
Во рамки на дводневниот саем за образование ќе се одржат повеќе панел дискусии на кои средношколците ќе бидат запознаени со студентските права и можности за стипендирање, како и работилници посветени на финансиска и дигитална писменост, јавен настап и самодоверба.