За спорот со Бугарија, владата делува како расштимен оркестар. Премиерот Зоран Заев тврди дека Акцискиот план е готов и дека следи негова имплементација, а од МНР велат дека таков план нема и допрва треба да се усогласува.
„Процесот на официјални преговори заврши. Јас верувам дека следува реализација на Акциониот план, а веднаш после изборите во Бугарија да влеземе во разговорите и преговорите на политичките основи, затоа што секогаш пред избори навистина е нерационално и непродуктивно да се преговара за политички теми“, изјави вчера Заев.
Од министерството за надворешни работи објаснија дека во разговорите со Бугарија постојат две предлози за Акциски планови, наменети за поефикасна и структурирана имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, еден, како првичен предлог од страна на Македонија и вториот, како предлог од страна на Бугарија.
„Засега сѐ уште не е усогласен единствен Акциски план, а на негово усогласување ќе се работи во претстојниот период, велат од МНР.
Бугарија не спори дека после 1944 година постои македонска држава и народ, меѓутоа инсистира да се дефинира македонската историја и јазик пред 1944 година.