Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека единствено украинскиот народ може да одлучи за неговата оставка. Неговата реакција дојде по изјавата на американскиот републикански сенатор Линдзи Греам, кој повика на негово повлекување.

„Не знам дали сенаторот Греам ќе биде задоволен од моите зборови, но само украинскиот народ може да донесе таква одлука“, истакна Зеленски. Сенаторот Греам синоќа го критикуваше Зеленски по неговата расправија со поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа.

Греам изјави дека Зеленски „или треба да поднесе оставка и да испрати некого со кого ќе можеме да работиме, или треба да биде сменет“.

Во меѓувреме, демократите во Конгресот му изразија поддршка на Зеленски, а истото го сторија и украинската армија и граѓаните.

Главниот командант на украинската армија, Олександр Сирски, вечерва изјави дека војниците на земјата го поддржуваат претседателот.

„Вооружените сили се со Украина, со народот, со врховниот командант. Нашата сила е во единството“, напиша Сирски на социјалните мрежи, откако Зеленски ја напушти Белата куќа без постигнат договор со САД, а Трамп го обвини за „неблагодарност“ и „непочитување“ за време на разговорот.

Сирски додаде: „Продолжуваме да го уништуваме окупаторот и да се движиме кон победа“.

Поддршка за Зеленски изрази и премиерот на Украина, Денис Шмигал, кој на „Икс“ објави: „Прекин на огнот без гаранции е пат кон руска окупација на целиот европски континент“.

Украинскиот вицепремиер Михаил Федоров, пак, напиша: „Почит за претседателот за неговата храброст и за одбраната на честа на нашиот народ, кој ја плати својата слобода со својата крв“.

И украинските граѓани на интернет му изразија поддршка на Зеленски.

Текстот Зеленски му одговори на сенаторот Греам: Само народот на Украина одлучува за мојата оставка е превземен од МАКФАКС.