Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на средба ја прими амбасадорката на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Узлем Џанел.

На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји, кои се темелат на пријателство, доверба и заеднички вредности. Муцунски се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка од Холандија за евроинтеграциите на државата и ја нагласи посветеноста на Владата во спроведување на реформите неопходни за напредок во овој процес.

Како НАТО сојузници, соговорниците ја поздравија соработката меѓу двете земји во рамките на Алијансата и ја потврдија подготвеноста за натамошна координација во пресрет на претстојниот Самит на НАТО, кој ќе се одржи во јуни 2025 година во Хаг, Холандија. Во разговорите беа разменети мислења за актуелните меѓународни и регионални предизвици, како и за зајакнување на соработката во мултилатералните формати, со цел зачувување на безбедноста и стабилноста на европскиот континент.