Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски, кое се однесуваше на негласањето, односно недавањето поддршка на резолуцијата за мир во Украина, поддржана од ЕУ во Обединетите Нации.

„Премиере, ако на новинарско прашање да го објасните негласањето или недавањето на поддршка на резолуцијата за мир во Украина, поддржана од ЕУ, дадовте темелен и издржан одговор, наместо арогантниот ’така одлучивме‘, денес ќе ве прашував за инвестициите и економската иднина на оваа држава.

Ама, бидејќи така одлучивте и сè уште живеете во еуфоријата на последните парламентарни избори, моето прашање ќе се однесува логично, токму на последните случувања согласно со гласањето или негласањето во Обединетите Нации, кои за жал, уште еднаш потврдија, дека меѓународната политика која ја води оваа Влада, е бес компас и е хаотична.

И да биде пострашно, таа не е усогласена со европските партнери и политика“, кажа пратеничката.

Како што рече, наместо да се движи земјата во рамките на доследна меѓународна политика, сведоци сме на импровизации кои ја ставаат Македонија во неизвесна позиција на глобалната сцена.

Според неа, додека другите европски држави тактички балансираат во сложените геополитички односи, Владата, со својата недоследност ризикува да ја маргинализира земјата во европските и меѓународните политички кругови.

„Негласањето ЗА европската резолуција за Украина дополнително ја разобличи оваа хаотичност. Со воздржаното гласање, Македонија се најде во несоодветно друштво со земји како Гана, Бангладеш и Замбија.

Додека сите наши соседи, како и земји со силни трансатлантски врски, гласаа „за“.

Ова ја отвора дилемата: дали Северна Македонија останува на европскиот пат или се движи кон геополитичка изолација? Нешто што за ВМРО-ДПМНЕ, од минатото не е непознато. Премиере, да се гласа воздржан, значи да се нема став или да се нема стратегија. Вие изјавивте дека сте тргнале во дипломатски поход, за да му објасните на светот какви неправди и се нанесуваат на Македонија“.

Се осврна и на посетата на Мицкоски на САД.

„Три пати бевте во САД, и лично јас тоа го поздравувам. За мене САД, се наш стратешки партер исто како и за вас. Има една разлика, за мене и за СДСМ, САД се наш стратешки партнер и кога сме власт и кога сме опозиција.

За вас тоа не е така. И затоа, моето прашање до вас е: Дали, при вашата дипломатска офанзива во САД, го соопштивте вашиот предизборен став, дека Преспанскиот договор е предавнички и дека треба да се менува, затоа што тој беше потпишан под покровителство и поддршка на сегашниот и тогашниот претседателот на САД, господинот Доналд Трамп и дали добивте гаранција за возврат на неодлучноста која ја демонстриравте во Обединетите Нации“, го праша Петровска премиерот Мицкоски.